Петтиот том од едицијата OK.NO. е составен од следниве џебни книги: Семездин Мехмединовиќ – Изложба во лифт; Ѓурѓица Чилиќ – Изброј ја љубовта; Томислав Марковиќ – Напред во зло; Туѓо тело (мала антологија со 28 македонски автор(к)и) и Колективен облак (песни за постоењето, мала антологија).
Пренесуваме фрагменти од петте нови книги во оваа едиција.
Семездин Мехмединовиќ
Таксист
Штом излегов пред зграда, се појави такси. Обично чекам долго и тогаш нервозата ја внесувам в кола, па за целото време на патувањето постои тензија меѓу возачот и мене. Но, сега не чекав. Штом влегов, таксистот почна да ја фали убавината на утрото: сончево, а свежо! Судејќи по акцентот, од Пакистан е, или од Индија. Задоволен што не морав да чекам на свежиот воздух, и јас се расприкажав. Се натпреваруваме во пофалбите на убавата пролет. Гледав лево и десно низ прозорците, а потоа нешто на подот се помрдна, го осетив товарот на некој предмет низ платното на својата патика. Погледнав, долу имаше лимено автомобилче, играчка овде заборавена од некое дете. Ја подигнав играчката, му ја пружив на возачот велејќи: „Ова го изгубило некое дете“. По изразот на неговото лице сфатив дека ја препознал играчката, и автомобилчето сосема исчезна во неговата дланка. Од моментот кога ја виде играчката, тој се промени, стана тажен, тоа веќе не беше истото лице што го затекнав при влегувањето во колата. Таксистот сега беше мошне уморен човек. Остатокот од патот не разговаравме. Не знам што нему му значи тој предмет, претпоставувам дека е сопственост на неговото момче, оти девојчиња не си играат со автомобилчиња. Ја осеќав тензијата поради нешто што предизвикав, а за што ништо не знаев. Од говор преминавме на молчење, тоа е сè што се случи, но колата вртоглаво се смали, и сенките во неа станаа подлабоки.
Ѓурѓица Чилиќ
Кога бев мала, сакав да бидам болна
Кога бев мала, сакав да бидам болна. Ми угодуваа, ми носеа на послужавник јадење во кревет, ми купуваа нова сликовница или играчка. Сакав да лежам во температура, да лебдам во бунилото на одвоеност од стварноста, да го земам од светот само она што ми годи, грижливите гласови на возрасните, мирисот на чистата постелнина. Гледав во плафонот и замислував како би било да можам да ѝ избегам на гравитацијата и да живеам горе, наопаку. На плафонот осмислував ново уредување и своја голема детска соба, целиот стан на таванот беше само мој, а семејството ми доаѓаше на гости и се восхитуваше колку убаво сум наместила сè. Кога ќе подоздравев, но не доволно за да ме пуштат надвор, си играв сама на подот, седев во клупичка превртена наопаку, се оттурнував со нозете и патував од каучот до ормарот. Клупата беше мала и на патот можев да носам само онолку колку што ми собираше во скутот.
И на возрасен човек му се укажуваат појасно и неговиот простор, и местото, и она што му е битно, дури во болеста и во самотијата, како што во прашината што се витли на зимското сонце одеднаш погрешно и точно се препознава некој повисок ред: од ова сме направени и ние.
Ќе си доаѓаме на гости едни кај други, ќе му се восхитуваме на распоредот во непостоечките станови.
Томислав Марковиќ
Упатства за секојдневен живот и смрт
На менито крв и тло ‒ избери ги помалото зло.
Ако живееш како овца, не е нужно да те одведат на колење. Можеби само ќе те потстрижат.
Негувај го своето тело, на државата ѝ е потребна храна за мршојадци со врвен квалитет.
Верувај во сè што слушаш на државните и тајкунските медиуми. Ако лаже cosa, не лаже nostra.
Молчењето за злочинот е злато.
Ако ја најдеш раката на државата во својот џеб, понизно бакни ја.
Многу е полесно газењето преку лешеви кога ќе направиш масовна гробница.
Весна Ацевска
Факел
Умираат брестови, борови, костени. Горат секвои и широки платани. Свенуваат џинови. На стишените корави прсти издишуваат глуждести прометеи. Свиснува зеленото море од тага по снеможените, одвлечени од невреме и пеколен потоп. Летото никогаш не било пожешко, ниту сме биле толку вкоренети и толку многу жедни. Дишеме во големи голтки, речиси на шкрги. Зборовите, сами од себе, пламнуваат под замраченото небо. Загледани во дамките на нашите лица, ги бараме страните на светот, изгубен дамна во зборовниот оган. Чекаме крик да се запали како факел за да исплови нашето развеано име пред новиот глобален потоп.
Цирил Злобец
Како да не сум
Во сè сум и сè сум,
едновремено како да не сум
тоа што всушност сум:
како гора, призрак на камен,
што се облекува во шуми
и самиот е шума;
како зрно, дозреано во тврдост,
што го крши нежна клица
па е само уште семе,
што сум? кој сум?
заљубен сум ил љубен?
плодител или оплоден?
татко сум или син,
само случај
слабо заглавен меѓу обајцата?
обајцата едновремено
дури во скриената мисла,
но сигурно целиот во јад:
неделива сум целина
но се лупам, распаѓам,
дробам, ронам,
и истекувам меѓу сопствените прсти.
Превод: Пандалф Вулкански