Збирката раскази „Друго минато“ од Андреј Ал-Асади беше победник на кокурсот за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ за 2018 на книгоиздателството Темплум.

Збиркат се издвои меѓу пристигнатите ракописи по својата цврста структура, по јасната визија за тоа што треба да претставува овој ракопис, но и според писменоста и очигледната посветеност со која ракописот е пишуван. Деветте раскази во книгата, која почнува со воведниот расказ „Рамка“, се тематски и поетички меѓусебно поврзани, еден на друг се надоврзуваат, со што создаваат монолитна целина.

Андреј Ал-Асади е млад автор, кој покажува солидно познавање не само на раскажувачките техники и на делата на своите омилени книжевни претходници, туку покажува познавање и од други области, кои се повеќе или помалку сродни на книжевноста: математиката, филозофијата, историјата, суфизмот, религијата воопшто итн.

Расказите во „Друго минато“ изобилуваат со интертекстуални врски особено со делата на суфистичките поети или со приказни што се поврзуваат со нивните животи. Се разбира, потребно е читателот да биде доволно запознаен со оваа тематика за да може да ги фати сите можни врски, кои некогаш се можеби и параврски, односно можеби упатуваат на референт што не постои.

Во сета оваа игра на гласови Андреј Ал-Асади или, попрецизно кажано, нараторите во неговите раскази, одлично се снаоѓаат.

Ефектот на очудувањето е карактеристичен за секој од расказите на Ал-Асади, чија реалност изобилува со временски и просторни нарушувања, граници меѓу сонот и јавето кои постојано се пречекоруваат, привиденија, предмети и луѓе со необични моќи. Сето тоа ја поврзува оваа збирка со фантастичниот жанр, и тоа во неговата примарна, најчиста форма, според Хофмановата дефиниција.

Токму поради овие неколку наведени карактеристики на ракописот „Друго минато“ комисијата за доделување на наградата „Новите!“ едногласно одлучи токму ракописот на Андреј Ал-Асади да биде одбран за најдобар. Му ја честитаме наградата, а на сите останати учесници на конкурсот им благодариме за учеството.

Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ беше составена од Фросина Пармаковска, Петар Андоновски и Ѓоко Здравески.

(од образложението на комисијата)

Фрагмент од збирката овде

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *