Автор: Давид Албахари
АВТОБИОГРАФИЈА
Во преполовените огледала го гледате само долниот дел од своето тело.
ЛИЗАРЧЕ
Девојчето му приоѓа на куцкаменот нацртан на плочникот, ја пика раката во џебот од фустанот и напипува заоблено парче цреп. Пред мрежата на куцкаменот, лизарчето ѝ дарува сигурност. Без него, уверена е, никогаш не би успеала да се извлече од тој лавиринт: би влегла во првиот квадрат и не би знаела како да излезе од него. Девојчето се врти со грб спрема куцкаменот, го вади лизарчето, го принесува до устата у три пати ухнува во него. Потоа го фрла преку левото рамо. Кога повторно се соочува со куцкаменот, лизарчето никаде го нема.
МАЛАТА СВЕТЛИНА
Кога ќе осети дека во него се запалила мала светлина, писателот почнува да пишува приказна. Пишува брзо, оти не знае колку ќе гори малата светлина. Некогаш стивнува по неколку мига, некогаш останува да гори додека писателот не ја напише последната реченица, и се гасне кога тој става точка. Некогаш, меѓутоа, наместо мала светлина се распламтува вистински пожар, и писателот не знае што попрво да направи: дали да продолжи да пишува или да го спасува дотогаш напишаното?
Приказните на Албахари звучат сонорно, со спокојна раскажувачка интонација. Тука првата реченица во секој од фрагментите може да се чита како тема, меѓутоа, како што џезерите го разбираат поимот тема: место за средба и за разделба, понуден енергетски пункт за комуникација.
Виктор Шиков
Книгава е најпотполна колекција на кратките раскази на Давид Албахари (15 март 1948 – 30 јули 2023), еден од најголемите мајстори на малите фикции, и еден од најзначајните современи писатели воопшто. Овој југословенски, српски, еврејски и светски автор напишал триесетина книги, најмногу романи и раскази, често автобиографски.
Превод: Виктор Шиков и Љупка Евроска.