Автор: ,

Песни од Владимир Шопов, илустрирани од Инес Ефремова.

Владимир Шопов (1948-2000) — македонски поет, критичар, публицист хроничар, писател, хуморист и сатиричар. Објавил и поетска збирка за деца, „Креда“. Пишувал поезија и на англиски јазик. Бил човек со разнородни творечки интереси; се занимавал и со концептуална уметност, на пример.

Објавил осум поетски збирки: „Луцида интервала”, „Од век на век сè така со лева нога со десна рака”, „Фату”, „Заратустра во Делфи”, „Јас фетус”, „Креда”, „Alchemia“ и „Winter Song”, и една збирка раскази: „Записи и сништа за Александар Магнум”. Зад него останале необјавени две поетски збирки и недовршен роман.

Македонскиот календар (или Горикола) е еден од неговите необјавени ракописи.

 

Инес Ефремова, родена 1986 година, е уметница која дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје како ликовен педагог. Една деценија активна на културната сцена, Инес зад себе има неколку самостојни и повеќе групни изложби. Дигитална уметност, традиционални техники и инсталации се дел од нејзиното творештво, а последните неколку години нејзиниот творечки фокус е целосно насочен кон илустрацијата.

 

ФРАГМЕНТ ОД КНИГАТА

ГОРИКОЛА

(месец прв)

Крај заледен поток без проток

Горикола го води календарското оро.

На студот крцкаат дабот и борот,

А секој се крсти од што мрзнат прсти.

 

Стокмен во снежна кошула тенка

Горикола нема гајле,

Иако дури и мразот стенка,

Ќе танцува до сабајле.

 

Сè до некое утро изѕемнето

Кога од студ ни е веќе стемнето,

Кога со ледено притаен вик

Настапува куслето Истемник!

ИСТЕМНИК

(месец втор)

Како месец лут и кус

Истемник е студен дибидус.

Од смрзнувачка спасува само еден лек –

календарски Истемник има најкус век!

 

Од височината на календарските браќа

паника Истемник го фаќа,

Затоа се истегнува, вежба и се бодина

да е висок бар секоја престапна година.

 

А кога со браќата се израмнува,

Кога со снежните тупаници замавнува,

Утеха ни е непрестапната година следна,

Кога пак ќе е клапнат и со височина бедна.

 

ЦУТАР

(месец трет)

Како стручњак за разни трикови

Цутар се јавува со стотина ликови:

Еднаш  е бура чиј здив замрзнува,

А потем дождец што цутови врзува.

 

И кога е сончев, благ и ко лебец мек

Со него постојано треба на штрек,

Зашто Цутар има вражја клима –

пролетта за миг ја враќа во зима!

 

Во главни календарски црти

Цутар е месец што вода врти.

Го цеди ли цеди снегот од падините

и исцеденото го навртува кон градините.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *