Автор:

Зоран Анчевски (р. 1954, Скопје) е значаен македонски поет, есеист, литературен преведувач и професор по англо-американска литература. Досега ги има објавено стихозбирките: „Патувања низ скршени слики“ (1984), „Стратегија на поразот“ (1994), „Линија на отпорот“ (1998), „Превод на мртвите“ (2000), „Див мир“ (2004), „Избрани песни“ (2008), „Историја на ветрот“ (2009), како и обемната студија „За традицијата“ (2007).

Преведувач е и уредник на голем број поетски антологии, избори и прозни дела на врвни светски автори на македонски јазик. За својата преведувачка дејност ја има добиено наградата Григор Прличев во 2001.
Добитник е и на наградата на Студентски збор за најдобра дебитантска книга во 1985, како и на престижното меѓународно признание за поезија Ѓакомо Леопарди во 2004.

Член е на ДПМ и актуелен претседател на Македонскиот ПЕН центар, Од 2003-2007 бил претседател на Управниот одбор на меѓународниот фестивал Струшки вечери на поезијата.

Секој ден

Секој ден вршам проверка

на стварноста:

да не е лита,

молци да не ја јадат,

да не капе,

’рѓа да не ја фаќа.

 

Секој ден вршам попис

на чувствата:

да не се поарчиле,

да не скршнале на погрешен пат,

далдисани по вечна пролет –

привлечна ко привид,

а сепак недофатна.

Секој ден

ми е доволно непознат

за повторно да го живеам

наспроти заборавот

што ми ги мете стапалките.

Секој ден ме исполнува

со жизнена возбуда,

ме ослободува од примките на ноќта

и ме тера напред кон висините

полни со птичји кикот.

 

Диви коњи

За слободоумните

 

Дивите коњи не носат пораки

по крвавите воени врвици,

туку гордо бодинаат вон битките,

ги презираат наконтените витези

сосе амблемите на бојните штитови

и симболите на барјаците и шлемовите,

подоко ги гледаат разгалените дами

што со шамивчиња ги поздравуваат

мртвите…

Дивите коњи ги чека прегратката

на зајдисонцето и меката Кумова слама

спрострена во Елисејските квечерини

по која со смирен галоп и лесна прелест

ја изведуваат својата велелепна

небесна пантомима:

сеат дробни ѕвезди од копитата,

веат млечни патишта од гривите

што ја испишуваат историјата на ветерот

врз пасмото на мрачната вселена

и подбивно ги гледаат војните

од крстопатите на соѕвездијата.

Бистра, 2015

 

Небесна пантомима

На душата

 

„Моли се за мене сега и во часот на моето раѓање“
Според Т. С. Елиот

Само ти, душо моја, умееше да се справиш

со острите копја на моите зборови

и со скипнатата тежина на угарот во мене.

Сега твоето тврдокорно отсуство

ме пронижува како лист ситен тутун

што се суши на скржаво есенско сонце.

Домот ми е премал за чекорите

чија упорност ги заокружува аглите

и ги населува со топли леи од ветувања.

Се претворам во млечен прав што по вторпат

се таложи во темелите од древна црква

во текот на еден човечки живот.

Но друг спомен освен за тебе, душо, немам.

Талкам од еден крај до друг крај

на сопствената пустина без оази –

ги бројам убавите денови закачени

на оптегнат сончев лак од скудно лето

што не дозволува мигови на каење

во привидот на овој живот

што како сидро се спуштил на дното

од една бескрајна небесна пантомима

и спокојно го чекам моето ново раѓање.

 

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *