Автор:

Темплум стрипот  „Панда во дрон“ е дело на Пандалф Вулкански (автор на текстот) и Ристо Аврамовски (автор на илустрациите). Ова е, накусо, приказната на стрипот од осумдесетина страници, наменет истовремено и за деца и возрасни:

Панда и Анаконда си живеат заедно, на хациенда, во Уганда. Веднаш до нив живеат сестрите близначки, Линда и Белинда, кои слават роденден, заедно со своите братучетки: Аманда, Миранда, Јоланда и Росанда. Една драматична случка, во која ќе се појави дрон, ќе ги спои соседите и сосетките.

Во оваа мошне необична книга, меѓу многуте зачудувачки работи, се појавуваат Дрвото на светот Игдрасил, кралот на птиците Симург, птицата Рох, голема колку облак, крилестиот пес Симаргл, кучето Лајка…

Главни се, сепак, една Панда и една Анаконда.

Во продолжение пренесуваме неколку фрагменти од интервјуто што со авторот на текстот, Пандалф Вулкански, го направи Владимир Јанчевски.

В. Јанчевски: Во „Панда во дрон“ значаен е мотивот на птиците. Дали е тоа уште еден резултат на твоето занимавање со птици, последнава година?

П. Вулкански: Не. „Панда во дрон“ како текст настана пред 4-5 години. Но, инспирацијата делумно дојде од една култна персиска книга со илустрации, настаната околу 1600 година, „Соборот на птиците“. Главен лик во таа книга е Симург, кралот на птиците. Личи на орел, но толку е голем што може да подигне слон. Гнездото му е во гранките на Дрвото на светот, Игдрасил. Симург на некој начин е обединувач на раскараните птици. Јас во него препознав и некаков современ еколошки бог, или принцип.

В. Јанчевски: Симург и ликовно изгледа предизвикувачки: „Портокалово перје налик на метални лушпи, мала сребреникава глава со човечко лице, четири крилја, лешинарски канџи и долга паунска опашка.“

 

П. Вулкански: Да, да. Ликовните аспекти на приказната паметно, креативно и духовито ги лови и артикулира Ристо Аврамовски, мојот пријател и коавтор. Тој навистина му даде нови димензии на текстот, на светот создаден прво во текст, па оживеан во слика. Сјајна беше соработката со Рики.

В. Јанчевски: На некаков стрип за деца имаш соработувано и со нашиот мошне значаен уметник Игор Тошевски, зарем не?

П. Вулкански: Да, тоа беше во друга епоха, крајот на осумдесеттите, мислам. Објавувавме табли од „Призрак против Сенка“ во Наш свет, уредник ни беше Ванчо Полазаревски. Соработката со Игор беше мошне интересна (бурна, на моменти) и мислам дека стрипот беше одличен, иако одамна не сум го погледнал. После тоа со Ацо Станковски, во почетокот на деведесеттите, неколку години го работевме големиот стрип Лабрис, на речиси 1000 страници, од кои околу 400 беа објавени во списанието Лифт.

В. Јанчевски: Идејата „Панда во дрон“ да биде стрип е на Ристо?

П. Вулкански: Да. Комплетниот ликовен дел е негов, не му се ни мешав многу во тоа. Постави одлична структура и мошне рационален начин на работа, иако му е прв стрип (ама има релативно големо графичко искуство, и искуство на илустратор). Рики имаше и добри драматуршки совети, така што на пар места го поправав текстот.

В. Јанчевски: Дали „Соборот на птиците“ ти беше импулс за сегашната твоја работа на темата ПТИЦИ, која ја објавуваш на Окно?

П. Вулкански: Не баш. Но ќе ти спомнам една чудесна приказна од гностичките списи која може да биде (можеби не сосем вистинит) одговор на твоето прашање: Исус Христос во еден од тие апокрифни текстови е прикажан како дете кое си игра во прашина и ваја врапци од глина. Тие оживуваат, полетуваат и исчезнуваат во далечината. Миг-два, Исус гледа по нив; потоа заминува и не се осврнува.

Посетете го ОКНО каде што можете да ги симнете првите 30 страници на стрипот.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *