Неодамна во едицијата „Старо купувам“ на Темплум излезе малата антологија ПЕСНИ ЗА ДРВЈА. Акварелите на Симонида Филипова-Китановска ги илустрираат песните на: Славко Јаневски, Ива Дамјановски, Владимир Мартиновски, Стојан Тарапуза, Олга Арбулјевска, Зоран Анчевски, Рајко Јовчески, Влада Урошевиќ, Николина Андова Шопова, Видое Подгорец, Пандалф Вулкански, Јован Стрезовски, Евгенија Шуплинова, Матеја Матевски, Анте Поповски, Димитар Башевски, Ацо Шопов, Петар Т. Бошковски, Србо Ивановски, Весна Ацевска, Санде Стојчевски, Цане Андреевски и Блаже Конески.
Изборот го направи Никола Гелевски, а графичкиот дизајн – студиото Кома.
Застапени се, значи, 23 песни од исто толку автор(к)и. Во продолжение пренесуваме три песни од книгата проследени со три акварели на Симонида.
Славко Јаневски
Големиот колеж
Ќе се покриеме со портокалов мрак.
По шумите почна големиот колеж.
Не ќе има листе за лулка на лунениот зрак.
Ќелавата планета ќе е најпесочно поле.
Попусто пресувите стебла со секој час
ќе подаваат голи раце кон непочитаниот Закон.
Крцкотот на соголеноста ќе е само глас
што ќе ни допре до слухот заспан млако.
И почна, ви велам, големиот сек.
Зелено ќе нема. Пепелав сè ќе е думан.
Ќе мине ли в неврат само еден век
за да прашуваме што беше тоа шума?
И почна. Не ќе има ни смоквин лист.
Планетата гола да заприлега на библиска Ева.
На Земјата ѝ помагавме да одигра стрип‒тиз
додека плачот добога ѝ се кревал.
Ива Дамјановски
Ќе им зборуваш ли на дрвјата?
Ќе им зборуваш ли на дрвјата
како кога ќе умрат
стануваат огнот во нашите куќи
и нивната пепел станува едно
со онаа од нашите изгорени сништа?
Ќе им зборуваш ли на дрвјата
како кога ќе умрат
нивната рапава кожа станува мазна,
повеќе не умее да старее
и на неа со зелена боја пишуваме:
„ДРВО“?
Ќе им зборуваш ли на дрвјата
дека ги убиваме
за сликарите да можат
да сликаат дрвја?
Владимир Мартиновски
Шумски блуз
Кај што беа тополите сега
копаат јаглен. Нема ни
трага од нашиот багрем.
Ридот со брези станал
каменолом. Дабовите со камион
ги преселиле во нечиј дом.
Кај што видовме срни
сега вијат ко волци моторни
пили, гладни, стрвни.
Кај што насон буки шумат
сега стои знак со натпис
„Тука имаше шума“.