Во вториот том на едицијата OK.NO. донесуваме пет поетски книги, т. е. околу 170 песни на Весна Ацевска, Магдалена Хорват, Николина Андова Шопова, Лидија Димковска, Будимка Поповска, Маргарет Атвуд, Тони Хогланд, Васко Попа и Данијел Драгојевиќ , на вкупно 244 страници. Сите песни биле објавени, низ годиниве, на порталот Окно.

Во продолжение, дел од песните застапени во секое од книжињата.

 

Нејзина песна (пет современи македонски поетеси)

Николина Андова Шопова
СЕ ЗАТВОРАМ

Има едно ладало
со мапа на светот
што со години се затвора во мене

Копната полека се стеснуваат
вулканите се гаснат
реките запираат, светилниците замрзнуваат
пустините се замотуваат
како теписи полни прав

Еден ден ќе го отворам ладалото
и целиот свет ќе се рашири во мене
заедно со небото и крилјата
на големите птици

 

Сор Хуана работи во градината – Маргарет Атвуд

МАЈКА МИ СЕ СМАЛУВА

Мајка ми се смалува ли се смалува
и живее ли живее.
Нејзиното силно срце ја тера
безочно како машина
од една ноќ во друга.
Сите велат Вака веќе не може,
Но може.
Божем гледаш некого како се дави.

Да беше лотка, ќе речеш
месечината ѝ зрачи низ ребрата
а нема кој да ја управува,
а сепак не може да се рече дека само плута;
има некого внатре.
Слепите очи ѝ го осветлуваат патот.

Надвор, во нејзината запуштена градина,
плевелот расте речиси чујно:
кучешко грозје, златица, магарешки трн.
Штом ги ожнеам
веднаш надоаѓа нов бран,
сè до нејзиниот прозорец.
Го напаѓаат бавно ѕидот од тули,
ја задушуваат оградата и патеката,
го нагризуваат рабникот.
Нејзиниот стар збороред
се распаѓа самиот од себе.
Денес, по недели молчење,
Изговори реченица:
Не се согласувам.

Ја држам за рака, и шепотам,
Здраво, здраво.
Да ѝ речев Збогум,
Да ѝ речев, Предај се,
Што ќе стореше тогаш?

Но такво нешто не можам да речам.
Ветив дека ова ќе го истерам до крај,
што и да се случи.
Што би можела да ѝ речам?
Тука сум.
Тука сум.

Превод: Зоран Анчевски

 

Мали океани Тони Хогланд 

ПРАШАЊЕ НА ВЛИЈАНИЕ

Беше рано изутрина
кога паднав под влијание на шолја кафе.

Кафето беше под влијание
на зрнцата шеќер со кои се сретнало миг порано,

а кофеинот и шеќерот ги обединиле силите
за да извршат влијание врз отчукувањата на моето срце,

да тропа и прескокнува малку побрзо.
Тогаш забележав како сончевата светлина веднаш пред кујнскиот прозорец

најверојатно влијае врз црешовото стебло
процветано со бели мирисни цветови,

кои влијаеле врз еротичното зуење на пчелите,
што исцело посредно влијаело

врз новоанглиската индустрија за мед.
Толку долго еве веќе живеам,

а дури сега почнувам да разбирам
како малите теченија се влеваат во големите;

како дури и хартиенава салвета
се состои од микроскопски поврзани нишки

кои допатувале од далеку
за да ги впијат солзите, флеките од сос и

зборовите начкртани со сино разлиено мастило.
Затоа можеби не е погрешно да се верува

дека книгата или песната можат да имаат влијание;
дека еден ден

можеби ќе се појави вистинската
за да го смири секого,

за да објасни како сè едно со друго се согласува,
како сè

се движи низ купот на сето друго,
допирајќи, шепотејќи, менувајќи.

Превод: Пандалф Вулкански

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Приказна за една приказна – Васко Попа
КРИТИКА НА ПОЕЗИЈАТА

По читањето стихови
На поетска вечер во фабрика
Започнува разговор

Еден лисест слушател
Лицето му е испишано со сончеви пеги
Подига два прста

Другари поети
Кога јас би ви го устихувал
Целиот свој живот
Хартијата веднаш би поцрвенала

А потоа би се запалила

Превод: Пандалф Вулкански

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Тесно им е на птиците во мојата глава – Данијел Драгојевиќ
ПТИЦИ

На птиците во мојата глава им е тесно.

Не се тие она што самиот го имам домислено
и што го има малецкиот мрак на таквото настанување.
Пристигнати во мојата глава, тие сакаат
внатре надвор, надвор внатре, како тоа да е едно.
Колку што е до мене, правам што можам. Тука каде што сум
пошумувам, изгревам, го навлекувам и развлекувам небото
за повеќе простор. Кога летаат и самиот малку летам,
кога ќе запафтаат одлетувам од себе,
кога пеат чувствувам лековита немоќ.
За многу простор, за распоредот впишан
во крилјата немам сигурен начин.
Имам илузија дека би можел, дека можам, дека сакам,
но полињата велат, мораш да се договориш со нас,
тоа го вели и потокот, првите куќи во измаглицата
и момчето што се оддалечува по патот.

Превод: Пандалф Вулкански

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *