Од 3-5 септември 2020 година, во Младинскиот културен центар во Скопје се одржа петтото издание на скопскиот книжевен фестивал „Друга приказна“.

Последното издание на фестивалот беше посветено на книжевноста за деца, со фестивалска тема „Грозовилата во Страшната шума“. Учество во различните активности на фестивалот зедоа околу 45 учесници  (поети, писатели, музичари, перформативни уметници, фотографи, аниматори на деца).

Една од главните причина за ваквата тема беше што книжевноста за деца, ислучително важна и возбудлива област, е сѐ уште на маргините, потценета и занемарена. Сепак, за време на изолацијата поради Ковид-пандемијата, се случи експлозија на раскази и песни за деца од бројни домашни писатели, што предизвика брз раст на интересот. Дополнително, во несреќната пандемиска ситуација, сметавме дека на децата, како една од најранливите групи, треба да им посветиме посебно внимание.

Дел од темите кои ги третиравме во рамки на фестивалот беа следниве: детската книжевност и општествениот коментар; детската книжевност и јазичните игри; детската книжевност како четиво за возрасни; правците на современата детска книжевност; развојот на креативноста кај децата; детската книжевност во школските курикулуми; позицијата на авторите за деца; позицијата на книжевноста за деца во домашен и регионален контекст;

На ова издание главната награда беше доделена на младата словенечка писателка за деца и млади Јана Бауер. Наградата ѝ беше доделена поради исклучителниот квалитет и имагинативност на нејзините дела и исчекорите кои ги прави во книжевноста за деца. Фестивалската тема беше избрана според нејзината истоимена книга за деца „Грозовилата во Страшна шума“. Една од фестивалските вечери беше посветена на лауретката, која,бидејќи не беше во можност да дојде поради рестрикциите поради пандемијата, имаше свое видео обраќање за публиката и беше проектиран разговор со неа.

За одбележување на доделената награда, во рамки на свечената вечер беше одигран 15-минутен сценско-театарски приказ на Грозовилата, врз два раскази од книгата за деца на Бауер. Претставата беше специјално подготвена за фестивалот од страна на режисерката Нела Витошевиќ и актерите Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Исмет Шабановиќ и Никола Настоски.

За одбележување на фестивалскиот јубилеј беше одржана изложбата фотографии „Пет години Друга приказна“ каде промотор беше Владимир Јанчевски а со свои фотографии се претставија Ванчо Џамбаски, Јелена Белиќ, Драги Неделчевски, Небојша Гелевски, Жарко Трајаноски и Наташа Гелева.

Поетскиот натпревар со читачки двобои „Овде паѓаат крупни зборови минатата година беше приспособен на фестивалската атмосфера, со тоа што натпреварот се состоеше исклучиво од читање поезија и кратки раскази за деца. Дополнително, шестчленото жири за оценување на настапите овој пат се состоеше од три деца и тројца возрасни. Во „фајтот“ се натпреваруваа: Николина Андова Шопова, Калина Малеска, Ана Голејшка Џикова, Владимир Лукаш, Владимир Мартиновски, Петар Андоновски, Билјана Црвенковска, Снежана Стојчевска, Д. А. Лори, Ана Аврамовска, Николина Ќорвезироска, Катерина Трајановска;  водител беше Ѓоко Здравески. Победник на „фајтот“ според вкупните гласови на жирито беше Владимир Лукаш во хумористична улога на поетесата Ана Голејшка Џикова (Лукаш за сценските потреби на натпреварот одбра да се натпреварува и како себе и како отсутната Ана Голејшка Џикова). Утешната награда, само од гласовите на детското жири, ја доби Владимир Лукаш (за настапот со сопствените песни).

Втор крупен настан на фестивалот беше концертот „Мојата омилена песна за деца на кој зедоа учество петнаесетина домашни музичари кои ја изведуваа својата омилена песна за деца, главно со препеви на детски класици, но дел и со авторски дела. Учесници на концертот беа: Абе Ана Човече, Ива Дамјановски, Долорес Поповиќ, Хана Корнети, Јоана Ристеска, Џијан Емин, Оливер Јосифовски, Ненад Тонкин, Лукаш & Јовановиќ, Харикли & Лукаш, Сашко & Олег Костов, Сецко & Исак Хаџиќ…; водителка: Теа Шалдева

Во рамки на фестивалот се одржаа и две креативни работилници за деца: Ликовна работилница за деца: „Како изгледа Грозовилата?“ под водство на Доротеј Нешовски и разговори за книги со деца „Грозовилата приредува книжевна чајанка“ со аниматорите Биљана Црвенковска, Никола Гелевски, Искра Димковска и  Симона Спировска.

Се одржаа и две претстави за деца – театар на сенки во изведба на Наш мал театар: „Заробената љубов“ (16 мин; за сите возрасти) и „Девојчето со дрвото во портокаловото кралство“ (20 мин; за публика над 6 години)

Се одржа и еден разговор за книжевноста за деца (состојбите, перспективите, критички осврт) во кој учествуваа Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска, Ване Костуранов, Билјана Црвенковска и Марија Тодорова (со видео обраќање).

Со фестивалското издание, како и претходната година, повторно беше врзано списанието за култура и уметност Маргина“ број 92. Во рамки на фестивалот се одржа промоција на новиот број на списанието, целосно посветен на книжевноста за деца од македонски и регионални автори.

Автор на фестивалскиот постер: Ѓорѓе Јовановиќ

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *