Третиот том на едицијата ОК.NO. е посветен на фашизмот. Петте нови наслови во џебен формат што го сочинуваат овој том се: Бертолт Брехт – На оние кои легнале на брашно; Вилхелм Рајх – Слушни, мал човеку; Енцо Траверсо – Баучите на фашизмот; Теодор Ф. Адорно – Ф-СКАЛА; Умберто Еко – Прафашизам.
Пренесуваме една песна од Бертолт Брехт.
СОСЕД
Јас сум сосед. Јас го поткажав.
Не сакаме во куќата
Да имаме хушкачи.
Кога го закачивме знамето со кукаст крст,
Тој не го закачи.
Кога инсистиравме тоа да го направи,
Нè праша дали во собата
Во која живееме со четири деца
Имаме место и за копје за знаме.
Кога рековме дека одново веруваме во иднината,
Тој се смееше.
Не ни се допадна тоа што
Го претепаа на скали. Му ја скинаа работната облека.
Тоа не беше нужно. Баш толку работни облеки
Никој од нас нема.
Но сега, барем, замина, и во куќата владее мир.
Имаме баеги грижи во главата, па
Мора да владее макар мир.
Веќе забележавме, некои
Гледаат настрана кога се среќаваат со нас. Ама
Оние што го одведоа велат
Дека правилно сме постапиле.
Исто така, еден сегмент од говорот на Вилхелм Рајх:
СЛУШНИ, МАЛ ЧОВЕКУ!
Те нарекуваат „МАЛ ЧОВЕК“, „ОБИЧЕН ЧОВЕК“, велат. Велат, доаѓа твоето време, „ерата на Малиот човек“ (‘The age of the Common man’).
Не си Ти оној што го вели тоа, Мал човеку, туку тие: потпредседателите на големите нации, избраните водачи на работниците, преобратените синови на граѓанскиот сталеж, државниците и филозофите. Тие ти ја нудат иднината, но не те прашуваат за минатото.
Ти си наследник на ужасно минато. Твоето наследство е вжарен дијамант в рака. Јас ти го велам тоа!
Секој лекар, секој чевлар, механичар или воспитувач мора да ги познава сопствените недостатоци доколку сака да ја врши својата работа и да заработува леб. Со децении веќе се обидуваш да завладееш со Земјата. Од твоите размислувања, твоите постапки, отсега зависи иднината на човечкиот род. Но твоите учители и господари не ти велат како стварно размислуваш ниту каков си; никој не се осмелува да ти упати каква било критика што би требала да те подготви и да те оспособи самиот да управуваш со својата судбина: Ти си „слободен“ само во една смисла: ослободен си од подучувањето како самиот да го водиш својот сопствен живот, слободен од самокритика!
БАУЧИТЕ НА ФАШИЗМОТ
Енцо Траверсо
„Фашизмот се врати. Вистина, тој никогаш не престана да ги интересира историчарите и да ги храни контроверзиите, но веќе извесно време упорно се враќа во јавните дискусии. Понекогаш се појавува спонтано, како еден вид семантички бастун, кога не знаеме како да ја именуваме новата, неочекувана и пред сè загрижувачка реалност. Со тоа име еднаш се означува подемот на радикалната десница речиси секаде во Европската унија, другпат Русија на Путин и завојуваните фракции во Украина, третпат „калифатот“ кој ИСИС се обидува да го изгради во Ирак и Сирија, и најпосле, терористичките акти од почетокот на 2015 година во Франција, Тунис или Кенија. Особено во Франција сите го осудуваат или споменуваат „фашизмот“, од Марин ле Пен до Мануел Валс, па до Ален Бадју и другите интелектуалци од левицата, сето тоа во збунувачка какофонија. Дали сме сигурни дека недискриминативната употреба на таквиот поим навистина помага да ги разбереме феномените кои толку очигледно се разликуваат меѓусебно? Прибегнувањето кон поимот фашизам помалку придонесува за анализирање на овие феномени, а повеќе за нивно жигосување во време кога моралот тежнее да се претвори во когнитивна категорија. Но заради враќањето на „фашизмот“ јасно е дека нужно и итно треба да се одвои реалноста која ја покрива овој поим.“
Ф-СКАЛА
Теодор Адорно
Во 1947 година авторите на студијата Авторитарна личност (предводени од Адорно) се обиделе да „осмислат инструмент со кој ќе го измерат нивото на склоност кон фашизам кај одредена личност“.
Интерактивната Ф-скала претставува конечна верзија на тој инструмент во форма на 30 прашања, и служи за пресметка на вашиот „Ф-резултат“, како и за подрезултатот кој укажува на еден од деветте различни типови личност.
Дополнителните информации, како што се бодовната шема и објаснувањата на различните типови личност, дадени се на крајот на прашалникот.
Прафашизам
Умберто Еко
„Фашизмот би можел да се примени како назнака за најразлични цели, бидејќи еден фашистички режим останува препознатлив како фашистички и тогаш кога ќе му се одземат едно или повеќе обележја. И покрај оваа нејаснотија сметам дека е можно да се состави листа на обележја која ќе биде типична за творбата што сакам да ја означам како прафашизам или вечен фашизам. Тие обележја не можат да се организираат во систем; многу од нив меѓусебно си противречат; и покрај тоа, можат да се класификуваат, а меѓу нив и некои други форми на деспотизам или фанатизам. Секое од тие обележја може да стане точка на кристализација за фашизмот.“