„Човекот со дрвена нога бега од затвор“, од американскиот поет, прозаист, уредник и професор Џејмс Тејт, претставува избор од збирките: Selected Poems (1991), Shroud of the Gnome (1997), Return to the City of White Donkeys: Poems (2005), Dreams of a Robot Dancing Bee (2008), The Ghost Soldiers: Poems (2009) и Selected Poems (2013).
Пишувањето на Џејмс Тејт има јасна наративна линија и покрај неговата нагласена игривост и склоност кон нонсенсот. Неговиот разговорен тон е наизглед „обичен“, но конфекциската дикција тој ја нарушува со апсурдистичкиот хумор и надреалистичките фигури кои ги вади од својот непресушен арсенал на бизарни поетски слики. Она што Тејт го позајмил од надреалистите е примената на логиката на сништата и на слободното асоцирање, но во рамките на американскиот специфичен локален колорит. На свој начин откачена, понекогаш дури и „непресметлива“, неговата „поезија во проза“ со својот имагинарен вишок како конститутивен елемент нуди всушност концепт за песната-расказ како дарежлива и отворена структура која секогаш може да биде окончана со соодветна и духовита поента, во што Тејт е вистински мајстор.
Од оваа книга во едицијата Магма пренесуваме три кратки фикции.
Човекот со дрвена нога бега од затвор
Човекот со дрвена нога бега од затвор. Го фаќаат.
Му ја одземаат дрвената нога. Секој ден тој
мора да премине големо брдо и да преплива дива река
за да дојде на поле каде што цел ден треба да окапува
на една нога. Така било цела година. На божиќната
забава му ја враќаат ногата. Сега тој
не ја сака. Неговото бегство е смислено. Смета на
само една нога.
Не толку одамна тука талкаа крави молзници
Нови згради никнуваат насекаде низ градот, големи згради, а јас не знам што ќе биде ниедна од нив, и тоа ме плаши. А чудно е тоа што никој не ги спомнува, ни со збор. Како да не ги гледаат. И нема ништо за нив во весниците. Еден ден се возам по Патот 9 и се градат три згради. Неколку дена подоцна ги има шест. Уште неколку дена после ги има девет. Се шират како спори, но големи се. На сите им недостасува карактер, им недостасува план. И како што се приближуваат до завршувањето, станува јасно дека тајновитоста, сигурноста и анонимноста се нивните главни намени. Нема табли со имиња на фирми. Не се огласуваат никакви дејности. Не се гледаат доаѓања или заминувања на автомобили. Претпоставувам дека е тоа Новиот свет, пристигнат без каква било најава, а некој мисли дека е најдобро за него ништо да не знаеме. Маскирани мажи со клешти од титаниум тивко се лизгаат низ затемнетите ходници.
Очајнички разговор
Го запрашав Џаспер има ли некакви мисли за надоаѓачката револуција. „Не знаев дека доаѓа некоја револуција“, вели тој. „Луѓето се мошне огорчени, можно е“, возвраќам. „Престани веќе еднаш да измислуваш. Вечно ме зафркаваш“, вели тој. „Војниците се насекаде. Тешко е да се каже на чија страна се“, забележувам. „Против нас се. Сите се против нас. Барем ти така мислиш, зарем не?“, вели тој. „Не се сите. Има уште неколку заблудени отпадници кои и понатаму во нешто веруваат“, одговарам. „Е тоа ми влева надеж“, вели тој. „Битно е да не ја загубиш верата“, возвраќам. „А кој вели дека некогаш сум ја имал?“, прашува. „Срам да ти е, Џаспер, важно е да се верува во целта“, одговарам. „Целта уште подлабоко да нè покопаш?“, прашува. „Не, туку во целта на луѓе кои заеднички се борат за своите права, слободата и сето друго“, реков. „ Е па тоа веќе одамна го нема. Немаме никакви права“, одговори тој. Следните неколку минути ги поминавме во тишина. Јас ѕурев низ прозорецот, во еден зајак во дворот. Најпосле реков: „Сево ова го кажав за малку да те орасположам“. „И јас исто така“, возврати. „Веруваш ли во Бога?“, прашувам. „Бог е во затвор“, рече тој. „Што згрешил?“, прашувам. „Сè“, одговори.
***
Џејмс Тејт (James Tate, 1943-2015), американски поет, прозаист, уредник, професор по креативно пишување. За себе рекол дека пишува во „традицијата на непуристите“ и ги спомнувал Витмен, Вилијамс и Неруда. Рекол: „Песната е човеков највозвишен напор зашто е бескорисна“. За него, поезијата истовремено е форма на протест и на прослава.