Автор: Хулио Кортасар
Во книгава Кортасар умешно успева во својот „лонец за топење“ да стопи наизглед неспојливи книжевни постапки: апсурд, хорор, бурлеска, фантазија, сатира, алегорија, научна фантастика, басна, парадокс, мит, комедија, анегдота, драма, иронија… Тој во оваа особена книжевна творба, составена од повеќе десетици фантастични раскази и цртички, го открива и својот чудесен бестијариум, зачудниот свет на необичните суштества – кронопија, фами и есперанси. Тие можат да се сфатат и како три типа личности кои лесно можеме да ги препознаеме во секојдневниот живот. Фамите се точни и педантни, добро организирани, секогаш знаат што е исправно, а што погрешно. Кронопијата, напротив, се романтични сонувачи, способни да пронајдат поезија и ентузијазам во сè. Есперансите се некаде помеѓу.
Во продолжение пренесуваме три раскази од книгата Прирачник за пеење и плачење (приказни за кронопија и фами).
РАДОСТА НА ЕДЕН КРОНОПИО
Средба меѓу еден кронопио и еден фама на голема распродажба во продавница за текстил.
– Добар ден, кронопио над кронопијата.
– Добар ден, фамо. Трегва катала еспера.
– Кронопио над кронопијата?
– Кронопио над кронопијата.
– Конец?
– Два, ама еден син.
Фама го цени кронопио. Тој никогаш не зборува пред да почувствува дека неговите зборови се соодветни, стрепејќи дека есперансите, тие светкави микроби, кои секогаш се на штрек, ќе се лизнат низ воздухот, и поради некој погрешен збор ќе го нападнат доброто срце на кронопио.
– Надвор врне дожд – вели кронопиото. – Од целото небо.
– Не грижи се – вели фама. – Ќе одиме со мојот автомобил. Да не покиснат конците. – Toj гледа во воздухот, не гледа ниту една есперанса, па воздивнува задоволно. Му се допаѓа да ја гледа трогателната радост на кронопиото, кој ги стега врз градите двата конци – едниот син – додека неспокојно чека фама да го викне во неговиот автомобил.
ОБИЧАИТЕ НА ФАМИТЕ
Се случило еден фама да танцува трегва и да танцува катала пред магацин полн со кронопија и есперанси. Есперансите мошне се вознемириле, оти секогаш претпочитале фамите да не танцуваат ни трегва ни катала, туку еспера, танцот што го познаваат кронопијата и есперансите.
Фамите намерно се нацртале пред магацините, и фамата почнал танцува трегва и катала токму за да ги вознемири есперансите. Една од есперансите ја оставила наземи својата флејта-риба, оти есперансите, исто како Морскиот Крал, секогаш се придружувани од своите риби-флејти – и излегла да го укори фамата, велејќи му:
– Фамо, не танцувај трегва ни катала пред овој магацин!
Но фамата продолжил да танцува и да се смее.
Есперансата повикала и други есперанси, а кронопијата направиле круг за да видат што ќе се случи.
– Фамо – рекле есперансите – не танцувај трегва ни катала пред магацинов!
Но фамата продолжил да танцува и да се смее, омаловажувајќи ги есперансите.
Тогаш есперансите се фрлиле врз фамата и го повредиле. Го оставиле паднат крај една ограда, а фамата цивкал, облеан со крв и тага.
Кронопијата скришум се приближиле, тие зелени и влажни суштества. Го опколиле фамата и му изразиле сочувство, велејќи му:
– Кронопио, кронопио, кронопио.
А фамата сфатил, и неговата осаменост станала помалку горчлива.
ТАНЦОТ НА ФАМИТЕ
Фамите пеат наоколу,
фамите пеат и мрткаат:
– КАТАЛА ТРЕГВА ТРЕГВА ЕСПЕРА
Фамите танцуваат во соби со лампиони и завеси,
танцуваат и пеат на дрзок начин:
– КАТАЛА ТРЕГВА ЕСПЕРА ТРЕГВА
Чувари на плоштадите, како дозволувате да излегуваат фамите, да шетаат наоколу, пеејќи и танцувајќи, тие фами што пеат катала трегва трегва, и танцуваат трегва еспера трегва,
како можете да го дозволите тоа?
Барем кронопијата (тие зелени, накострешени, влажни суштества) што уште шетаат по улиците
можете да ги избегнете со прост поздрав:
– Добри да сте, кронопија кронопија.
Ама фамите…
***
Хулио Кортасар е еден од најзначајните латиноамерикански и светски писатели од втората половина на 20-тиот век. Најпознат е по романот Куцкамен (Rayuela, 1963), кој му донесе светска слава. Приказните за кронопијата и фамите првпат се објавени 1962 година.