Автор: Светлана Слапшак
Светлана Слапшак (1948, Белград), антрополог, класичен филолог и проследувач на културните феномени, е една од клучните личности кои низ регионов ги трасираат речиси непроодните патеки на феминистичката теорија. Книгава пред вас е своевиден поп-лексикон кој опфаќа 60 одредници, од Агата Кристи, Брижит Бардо, Ана Мањани, преку Фрида Кало, Гертруда Штајн, Марлена Дитрих, Марија Кири, сè до Валентина Терјешкова и Вилма Рудолф. Но, внатре има приказни и за цвеќето, чоколадата, воланот, цигарите, лудоста, машината за шиење, љубовните романи… Слапшак обработува забележителни и помалку забележителни женски ликови кои се важни за женската историја; но, таа обработува и предмети кои за жените имаат клучни значења, како и појави кои делумно и` припаѓаат на културата на жените, глобални и локални слики, делови на женското тело или облека која добила “иконично” значење. Таа ги преиспитува нивоата на значења што со себе ги носат популарните икони, воедно отворајќи патишта за востановување нови. Зборот икона Слапшак го употребува издвојувајќи го од вообичаената употреба – “света слика”. Тоа издвојување зад себе остава нишка на иронија, но воедно и ги зацртува контурите на едно ново, поослободено читање на историјата.