Автор: Јозеф Рот
Романот „Исповедта на убиецот” настанал во 1936 година и многумина го сметаат за најзрело уметничко остварување на Рот, посебно карактеристично за неговиот стил и начин на раскажување. Како и другите јунаци од неговите романи, и Семјон Семјонович Голупчик е осуден на пропаст. Слабакот кој е опседнат од жена го упропастува својот живот. И во ова дело ги среќаваме меланхолијата, насетувањето на неизбежниот крај и смртта, како и нурнувањето во словенскиот свет – нешта кои се карактеристични за Рот и со кои тој ја збогатил германската книжевност.
Книжевникот и публицист Јозеф Рот (1894-1939), е роден во источна Галиција, во поранешната Австро-унгарска монархија, во сиромашно еврејско семејство. Како војник во Првата светска војна паднал во руско заробеништво. Откако се вратил од заточеништво, се вработил како новинар. По доаѓањето на Хитлер на власт во 1933 година, Рот заминал во емиграција, првин во Австрија, а потоа во Франција. Објавувал романи, новели и есеи. Наспроти својот конзерватизам, можеби благодарение на способноста во вистинскиот миг да им одолее на своите чувства, тој сепак успеал да даде критичка и слоевита слика за времето во кое живеел.