Автор:

“Имам впечаток дека вие, благодарение на интуицијата – или, подобро речено, благодарение на внимателното самонабљудување – за другите луѓе го знаете сето она што јас го открив со долготрајни проучувања. Верувам дека во основата вие сте еден истражувач на психолошките длабочини.”
Сигмунд Фројд, писмо до Шницлер (14. мај 1922)

Белешка за авторот и новелата

Артур Шницлер (Arthur Schnitzler, 1862-1931) е австриски писател роден во Виена, каде што ги завршил студиите по медицина и каде што имал лекарска практика. Во неговата разгранета писателска работа (пишувал драми, романи, кратки раскази, критики) константна е темата за испреплетувањето на илузиите и реалноста на психолошки план. Неговата работа открива длабоко познавање на несвесното и подсвесното и во уметничкиот свет тој се смета како креативен еквивалент на Сигмунд Фројд.

Покрај едночинките и драмите какви што се Анатол (1893), Парацелзус (1899) или Осамениот пат(1904) со кои стекнал голема популарност, Шницлер во многуте свои новели и раскази Потпоручникот Густл (1901), Доктор Греслер, банскиот лекар (1916), Враќањето на Казанова (1918), Госпоѓицата Елза(1924), Новела за сонот (1926) како и во романот Тереза. Хроника на животот на една жена (1928) ги истакнал профилираните душевни доживувања на своите ликови. Поради нагласената провокативност на неговите дела, поради честопати неприкриените еротски и психоаналитичарски тонови, книгите и драмите на Шницлер во триесеттите години на дваесеттиот век биле забранети од нацистичката партија во Германија и Австрија, и покрај тоа што во делата на Шницлер постои одреден антисемитизам.
Англискиот превод на Траумновелле гласи Rhapsody: A Dream Novel. И навистина, многубројните толкувачи и обожувачи на Новелата за сонот се согласни во едно: станува збор за своевидна психо-рапсодија која се случува во рамките на една халуцинантна ноќ. Дури, би рекле, станува збор за снажна еротична фантазија повремено испресечена со изблици на параноја. Префинетото опишување на мрачните страни на еротизмот, но и воопшто, комплексното истражување на психолошките длабочини на младиот брачен пар, на книгава и’ го обезбедуваат местото меѓу класичните дела на 20-иот век.
Еден читател на Амазон вели: “Новелата за сонот дејствува магнетски. Шницлер спретно се вовлекува во нашите скриени желби, во неконтролираните пориви, замислувањата и посакувањата. Го сакаме она што го немаме; но и кога ќе го добиеме забранетото – најчесто се наоѓаме во уште полоша ситуација во која разурнувачкото либидо ги покажува своите темни страни. Ја исчитував книгата со нервозно но еротско задоволство, едновремено со восхит, очај и омраза.”
Според делото Новела за сонот досега се снимени два филма; помалку познатиот на Волфанг Глик (1969) и последниот филм на Стенли Кјубрик (1928-1999) Очи ширум затворени (Eyes Wide Shut). Еве што вели Кјубрик за Шницлер:
“Тешко е да се најде некој писател кој повистинито ја разбрал човечката душа и којшто подлабоко продрел во начините на коишто луѓето мислат, дејствуваат и постојат, писател кој има еден толку широко опфаќачки поглед – со многу емпатија, но и со цинизам.”
Н. Г.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *