Автор: Бенжамен Констан
Адолф е еден од најславните љубовни и психолошки романи на сите времиња, но едновремено е роман кој и денес е толку жив и современ што постојано предизвикува нови препрочитувања и посвети (филмски, книжевни, театарски…). Ретко кој писател со толку продорност и прецизност толку длабоко и минуциозно ја анализирал целата пустош и целата кобност на раѓањето и умирањето на една страст. Расчленувањето на сопственото „јас“, расшивањето на линиите на срцето и душата, се неодоливи потреби на внатрешното битие на големиот морален хирург, Бенжамен Констан. Тој самиот во својот Дневник признал дека во него живеат две личности, од кои едната ја набљудува и изучува другата.
Бенжамен Констан (1767-1830) го прогласиле за најчудната личност на сопственото доба, преминот од 18 во 19 век. Тој поцелосно од било кој друг го олицетворува судирот на идеите, страстите и стремежите на двете времиња, борбата на стариот поредок со духот на новиот век.