Автор:

Давид Албахари постигнува да биде апстрактен во Интимата и интимен со Апстракцијата. Тоа е платонски идеал. И, тука, во Необичните приказни тој идеал станал читлив преку посветен љубовен однос спрема сопственото писмо. Соочувана со агорофобија на саатчија и со клаустрофобија на астроном, во опсерваторијата на Давид Албахари, естетската посветеност се вообличила во инструмент со кој раскажувачката диоптрија се бруси сè до еден интимен тон, кој е, едновремено, и апстрактен/универзален и мошне личен/исповеден, медиум. Тоа е фокус на уметноста. Всушност, таа диоптрија е онаа префинето тенка, напната протоплазматична мембрана која, како што вели нараторот веќе во воведот од Проѕирност на нештата на Владимир Набоков, без доволно внимание и вештина да се оди по неа, се прекинува, и потем се тоне во длабочини од кои тешко се изнурнува неизменет.

Со таа мембрана трепери воздухот вжештен од проѕирно чистиот, блед, алкохолен пламен на хемиските опити. Во тие сфери човекот не е картезијански поделен на тело и дух само за да се овозможи исклучиво веристичка, разумска и разумна класификација на животот. Тука одживеаното балансира врз нишка мистика, односно, искуството прави и телото да размислува со здивот на секоја пора, и духот да крвари, упорно удирајќи со глава во непробојните прозорци на контемплативната мисла; оној дух, јасно а кобно соочен со совршената бистрина на тие прозорци исчистени со шпиртот на филозофските поими, а едновремено, заслепен, оти очите солзат од пречувствителност. Елиптичните реченици на ова писмо и плеќите на тој што ги пишува, обременети се како врв од трска која за јадицата на прашалникот закачила некоја длабока немост што лежела во милот на свеста, и срполики се исто како и клепката врз окото што ги сонува. А потем, будно, зјапнати во проѕирноста на нештата, пак нè враќа назад, меѓу ококорените риби.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *