Автор:

Конкурсот Електролит е значаен не сако како единствен отворен конкурс за млади и неафирмирани писатели, туку и како (колку и да изгледа парадоксално!) единствен онлајн конкурс во нашава државичка. Годишната книга е резултат од едногодишна напорна (речиси волонтерска) работа на тимот на Темплум и поддршката и интересот на сите оние кои праќаа раскази на Електролит.

Изборот се состои од 51 расказ од 31 автор. Овој избор го сметаме за некаков дестилат од осумте конкурси распишани во текот на 2006 година. Од вкупно пристигнатите 508 раскази (од приближно 150 различни автори; тешко е да се одреди прецизниот број на авторите заради многубројните псевдоними:), во книгава се пренесени, значи, само околу десет проценти, но наше мислење е дека тоа се мошне репрезентативни десет проценти…

Првава година конкурсите беа замислени на месечно ниво, но имавме и два двомесечни конкурси. На осумте конкурси наградивме вкупно 31 расказ од 24 автори. Сите наградени раскази ги има и во книгава, плус дваесетина други. Во книгава се најзастапени расказите на Крстевски и Буши Мит, автори кои годинава се издвоија и според бројот на испратените раскази (особено Крстевски, кој ни испрати триесетина раскази!:), но пред сè тие двајца автори се издвоија со квалитетот на нивниот прозен ракопис. Веднаш зад двајцава има група од десетина автори кои често го достигаа нивото на Крстевски и Буши, но едноставно имаа испратено малку помалку раскази; станува збор за Дарин Ангеловски, Нада Бувљак, Кристина Гацова, Наташа Гелева, Зоран Груевски, Милена Николовска, Никола Пчински, Алекс Букарски, Ши… Се разбира, и другите дваесетина автори застапени во изборов најчесто ги достигнуваа релативно високите стандарди што ги поставуваа првонаградените (радува, на пример, бројот од дури 24 различни наградени автори во текот на годината! Тоа е сосема пристојна база за регрутирање нови актери на издишаната македонска книжевна сцена:).
Ете, со „реалнава” книга (надвор од виртуелниот простор:) ставаме точка на првата електролит-година. Еден ден, книгава ќе биде носталгичен документ на едно „долготрајно пријателство”, кое штотуку започнува!

***

Идејата и реализацијата на Електролит конкурсот се на Бранко Прља. Автор на месечните критики и осврти и главен уредник на Електролит е Никола Гелевски. Другите членови на жирито се Искра Гешоска, Роберт Алаѓозовски и Владимир Јанковски. Електролит е хостиран на сајтот на Темплум и е финансиран од истоимената издавачка куќа.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *