Автор:

fasadataСо некои аспекти на проектот не се занимавав. На пример, со можниот финансиски криминал, за кој постојат многу индиции (некои споменици се плаќани, на пример, по повеќекратно поголеми цени од нивната реална вредност). Не се занимавав ни со конкретните автори на проектот зашто такви сѐ уште не се појавија. Единствениот човек што застана зад авторството на целокупниот потфат е премиерот Никола Груевски, кој во својот говор по повод отворањето на Триумфалната капија им се заблагодари на дваесетина луѓе, за нивниот придонес кон неговиот проект.

Во моите текстови, значи, главно се занимавав со културните аспекти на обидот со еден агресивен културен инженеринг брзо и трајно да се промени идентитетот на една нација. Тоа, според мене, е суштината на СК014. „Антиквизација“ е второто име на тој проект кој во многу нешта ги промени досегашните сфаќања за задачите на културата и политиката и нѐ врати во некои времиња во Европа познати од пред сто и двесте години. (Има еден стар афоризам кој добро ја опишува македонската состојба: „Историјата ни беше учителка на животот. Тогаш дојдоа некои манијаци и ни ја силуваа учителката“.)

Некои читатели ми префрлаат дека сум „опседнат“ и здодевен поради занимавањето со темава. Тој ризик свесно го преземав и го носам. Моето мислење токму е обратно: многу малку направивме да му се спротиставиме на културниот инженеринг на една примитивна популистичка власт. И самиот направив малку. Четириесет релативно кратки текста за речиси четириесет месеци – тоа е малку, според мене. Заправо, сум напишал една книга од околу 200 страници, сместена во две тенки книги од по стотина страници (втората ја држите во раце; првата беше издадена пред точно две години).

Овде застапените текстови опфаќаат период од околу две години, од мај 2010 до март 2012. Текстовите главно беа објавувани во неделникот „Глобус“. Но, под груевистичкиот налет да се уништат сите медиуми кои не размислуваат доволно „преродбенички“ беше збришан и „Глобус“, барем неговата печатена форма. По згаснувањето на „Глобус“ текстовите почнав да ги објавувам на порталот „Окно“.

Се разбира, и понатаму ќе продолжам да пишувам за СК014 и за сето она што тој проект го допира: јавните простори, идентитетот, правото на град, преплетот меѓу културата и политиката… Накусо, ќе се обидувам и понатаму да ги вкрстувам перспективите. Како што рече Жоел Заск, ако политиката често кај уметничките практики ги открива точките каде што тие од креативни преминуваат во конформистички, тогаш уметноста на политиката ѝ го покажува моментот кога таа од слуга станува господар, дури и џелат. Ако треба да исчекориме од политиката за да можеме да ја оцениме и насочиме, сугерира Заск, тогаш исто така треба да се излезе и од уметноста, за да ја поттикнеме. Најпосле, вкрстувањето на перспективите е своевидно вежбање на слободата.

од предговорот за книгата…

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *