Автор:

Жанровски, „Меше на годината” е флуидна, хибридна книга составена од триесетина песни во проза и повеќе куси прозни парчиња што само условно може да се наречат гатанки. Иако нумерирани, прозните секвенци функционираат како сосема независни структури, што допушта флексибилност во нивното восприемање. Текстот во голема мера се темели врз спојот на диспаратни и навидум неспоиви слики, ефектот на изненадување/ шокирање и употребата на иронија и хумор. И поднасловот „поема со масни наслаги” е изведен во духот на ироничната, но и хумористичната насока на значењата антиципирани во текстот. На стилски и поетички план авторот се надоврзува на надреализмот, па оттаму и концептот на игра како негов доминантен творечки принцип. На апсурдноста и бизарноста на светот, Иван Шопов во повеќе наврати одговара со бизарност, притоа провоцирајќи го вкусот на читателот, но истовремено нудејќи му задоволство и возбуда во вртоглавата игра на зборови и слики.

 

Иван Шопов е роден 1987 година во Скопје. Објавувал раскази и песни во списанија на македонски, српски, словенечки и германски јазик. Во 2010 година за книгата раскази „Азбука и залутани записи” издавачката куќа Темплум му ја доделува наградата „Новите!” за најдобра дебитантска прозна книга. „Меше на годината” е негова втора книга.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *