Автор:

moderna-makedonija-02Тој е поет на изненадувањето, на авантурата, на чудесата и чудесиите, на овоземните миракли. Тој е поет на нескротлива, еруптивна поетска имагинација, кој не наоѓа дефинитивен поетски пристан, ниту едно дефинитивно и завршено поетско устројство на својата поезија. Јаневски е поет на шокантни, на ирационални сновиденија, на фасцинацијата, на бизарни хумористички проблесоци, на фантазмите и фантазмагориите, на еден поетски ум кој го отфрла секој можен ред и поредок и секој можен конвенционален, било рационален, било етички систем во човековата егзистенција, секоја можна нејзина непротивречност, прифаќајќи го и апсолутизирајќи го кошмарниот, ноќниот поредок на постоењето, кога сонот работи а умот спие, прифаќајќи го космокопот како поетско начело на поезијата.

Георги Старделов

Свиња

 

По ѓаволите со сите сонувачи.

Многу знаат ломбаците

до кај ми допираше чурилката.

 

Ќе легнев овдека

и со гровтање

дури зад суводолицана

гробиштата ќе ги разбуричкав.

 

Што ќе му живот на живиот

што ќе му спокој на мртвиот.

 

Коските ќе се споулават.

Ниту се веќе покојници тивки

ниту ќе се поткренат

да се веднат над дневници

со тајноречници на своето Вчера.

 

Златни времиња. Свински.

Ене сум сега в баџа

со чад ме оклопуваат.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *