Автор:

Улицка се смета за најзначајна современа руска писателка. Нејзината биографија е можна само во – Русија. Родена е во Москва. Завршила биологија и едно време работела во генетичка лабораторија, а потоа останала без работа, оти во времето на самиздатот полицијата кај неа пронашла машина за пишување на која бил пречукуван роман. На тој начин завршила нејзината научна кариера, а започнала писателската. Критичарите во нејзината проза пред сè откриваат извонреден истражувач на човечките судбини, но и ретко суптилен хроничар на историјата на Русија во дваесеттиот век. Нејзината проза се карактеризира со спојот меѓу “класичната руска литература со современите текови и со обнова на реалистичкиот книжевен израз врз кој почива поновата традиција на руската книжевност”.Улицка е брилијантен психолог и мошне вешт стилист којшто во своите прози успева да ги пренесе и ослободи најкревките нијанси на човечкиот карактер.

Првиот голем книжевен успех Улицка го постигнува токму со беспрекорниот краток роман “Соњечка” објавен 1993 година. Соњечка ги содржи најдобрите писателски особини на Улицка: ем ги има збиеноста и јадровитоста на нејзините најуспешни кратки форми, ем има зафат и широчина карактеристични за многу пообемни романи. Со многу вештина и нежност прикажан е животот на една руска жена која ги поминува премрежињата на втората половина на дваесеттиот век во Русија. Романот е проткајан со просто зачудувачка топлина и разбирање дури и за најнеобичните форми на љубов и блискост.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *