Автор:

stamata-na-enhalonНајинтересното кај Јолдески е што во неговите раскази совршено се преплетуваат традиционалното и, би рекле дури, хипермодерното. Мекиот, речиси „битов“ реализам се вкрстува со некои мошне современи „постмодерни“ книжевни постапки (интересни се, на пример, реферирањата на важните претходници: Чачански, Крле, Константин Миладинов, Чехов…).

Расказите најчесто се минималистички сведени. Авторот ја поседува дарбата текстот да го прочисти од сето она што би го оптоварувало, па затоа не се соочуваме со претерувања и застранувања од она што е главен тек на приказната. Иако некои од расказите на прв поглед делуваат адегдотално, функционалноста на раскажување и хуморот ги ослободуваат од можната баналност. Јолдески има одлично чувство за заокруженост и целовитост на приказната, без разлика на нејзината должина или тема.

Ненад Јолдески е автор кој сосема опуштено, би можеле да речеме во кроки манир, ни ја скицира реалноста што нè опкружува, при што во неговите раскази поминуваат многубројни необични, гротескни, но истовремено и за нашиот контекст препознатливи ликови. Сите тие се портретирани во стилот на добродушен хуморист кој се насмевнува на човечките слабости и откачености со хумана и емпатична насмевка.

На ниво на јазикот, исто така, дијалектот, сленгот и литературниот македонски се ставени во мошне суптилни созвучја. При сета таа стилска слоевитост крајниот резултат не изгледа вештачки и исфорсирано туку совршено складно: книжевните алузии се ставени во функција на непретенциозните и мошне духовити драмски ситуации од секојдневниот живот, што придонесува питките раскази (без ронка баналност!, што е ретка вештина) на Јолдески да течат со леснотија и да се читаат со пријатна топлина околу срцето.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *