Автор:

По своето објавување во Германија, 1984 година, романот Парфем веднаш станува интернационален бестселер. Сместен во Франција од 18 век, Парфем ја раскажува необичната и застрашувачка приказна за Жан Баптис Гренуј, еден лик кој колку што е фасцинантен толку е и одвратен. Самиот роден без никаков мирис, но надарен со невообичаено развиено сетило за мирисање, Гренуј станува опседнат со идејата да создаде совршен парфем што ќе го направи целосно човечен. Големиот англиски предромантичар Вилијам Блејк има кажано дека патот на претерувањето води во замокот на мудроста. Се чини дека оваа забелешка ги (де)кодира и контекстуализира начините, мотивите, психолошките нијанси во дејствувањето на главниот лик во романот. Овој лик во кого се обединети генијалноста, опсесијата и суровоста е одлична метафора за „подземните” аспекти на Векот на просветленоста.

Да не зборуваме за другите аналогии што ги разбуди овој морничаво провокативен роман: ликот на Гренуј може да се толкува, на пример, и како еден дијаболичен лик на популист-заводник, кој предизвикува обожување манипулирајќи со најприземните животински инстинкти на човекот. Низ едно политичко читање, значи, Парфем може да се сфати дури и како одредена варијанта на антиутописки роман. Со брилијантна умешност на раскажувач кој суверено ја владее материјата, пред сè демонстрирајќи извонредно познавање на парфимериската технологија за која пишува прецизно и мошне поетично, но едновремено суптилно сликајќи ја предреволуционерната епоха, Зискинд во прв план сепак го има истражувањето и опишувањето на вознемирувачкиот внатрешен универзум на еден на сосема исчашен начин опседнат човек. Иако во текстот, значи, се измешани неколку наративни нивоа и разни значењски слоеви, сите тие беспрекорно се обединуваат во ликот на Гренуј низ кој се рефлектираат многубројните елементи на хумор, гротеска и хорор. Во романот за светот перцепиран преку сетилото за мирис, Зискинд успева да креира детална, целосно реализирана слика за еден получовечен убиец кој делува речиси симпатично.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *