Автор:

 

Гајатри Чакраворти Спивак е една од највлијателните културни и книжевни теоретичарки којашто пишува во Соединетите Американски Држави, а предава на различни академски институции низ светот. Нејзините интервенции во марксистичката, феминистичката, деконструктивистичката, психоаналитичката и историографската проблематика се добро познати и коментирани. Уште од 1976 година, со англискиот превод на За граматологијата на Дерида, таа се претстави себеси како радикална постколонијална критичарка чиишто деконструктивистички интерпретации на империјализмот и битката за деколонизација бараа преиспитување на самите премиси на марксизмот, феминизмот и деконструкцијата, кои се испреплетуваат во нејзината мисла. Нејзината книжевна критика, поткрепена со продлабочена примена на европската просветителска философија, како и со амбициозни увиди во економските проблеми на трудот и капиталот, прави нејзиниот еклектичен и често контрадикторен критички поглед да наликува на нејзината променлива позиција како академски “субјект”. Истовремено привилегирана како елита, дури и како езотеричен интелектуалец што предава на Универзитетот “Колумбија”, маргинализирана како “жена од третиот свет”, “американка-со-цртичка” и бенгалски егзилант, Спивак ја користи деконструкцијата за да ги покаже начините, во кои и самата таа е, всушност, соучесник, на создавањето на општествените формации што така остро ги осудува. Во САД, каде што Спивак ја направи својата академска кариера, постои силен популистички импулс меѓу различните женски движења што ги поттикна феминистичките критичарки и интелектуалци да го прифатат и да ја направат својата мисла подостапна за широката публика. Наспроти овој притисок, и општата анти-интелектуална тенденција на културата на САД, Спивак ја задржа својата намера со висок стил да ги преиспита безмилосно премисите на востановениот филозофски дискурс. За таа цел таа користи тежок теориски јазик, што се потпира врз основите што им се познати само на оние интелектуалци што ги познаваат традициите на континенталната философија. И покрај тоа што нејзината првична наобразба е книжевната критика, Спивак има увид и во филозофијата, етиката, политичката економија и општествената терија. Со ова, таа успеа да ги предизвика академските историчари и филозофи од САД, Британија, Индија, покажувајќи ги моментите кога дисциплинарниот дискурс се прекршува и влегува во светот на политичката дејствителност. Ова придонесе нејзиното дело да наиде на различен прием, особено негативен кај оние што чувствуват отпор кон деконструкцијата, постструктурализмот, субалтерните студии и француската мисла по 1968 година, правци што таа често ги користи во своето дело. Но и покрај тоа што нејзиниот дискурс е тежок, Спивак има одглас и кај јавноста надвор од академската средина. Во нејзината речиси тридецениска работа, предавањата на Спивак надвор од универзитетите по разни поводи, наидуваа на срдечен, на моменти и ентузијастичен, прием кај разните културни и цивилни активисти, особено оние што се активирани во сферата на феминизмот и маргиналните и гранични културни продукции.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *