Автор:

Сакате ли љубовни романчиња? Што и да мислите за нив, ќе уживате во овој врвен пастиш од тривијални љубовни романи. Земајќи ја за главна хероина идеалната читателка на љубовни романи и водејќи ја низ низа ситуации препознатливи како типично „женско искуство“, Дубравка Угрешиќ луцидно покажува до кој степен нашето секојдневие е обликувано според стереотипите што ги користи т.н. тривијална литература. Неодоливо духовита и шармантна книга за која треба, откако добро ќе се насмеете, да размислите многу сериозно.

Дубравка Угрешиќ го обработува текстот како вистинска шивачка, користејќи ги сите можни процедури и додатоци за шиење – со различни линии и ножици посочува каде текстот треба да се исече, истегне или собере. Романот ја следи својата зададена форма (утврдена со овие шивачки законитости) и во тие рамки Угрешиќ ги исмејува книжевните клишеа и ги иронизира женските жанрови (секое поглавје започнува со некој бизарен совет, како на пример: „Што да направите кога маскарата ќе ви се размачка после туширање“ или „Што ако се разбудите среде ноќ и не можете повторно да заспиете“). Станува збор за авангардна, постмодерна постапка која Угрешиќ, по „Поза за проза“, овде ја доведува до својата кулминација.

Штефица Цвек набрзо доби статус на икона во хрватската книжевност, а целата приказна на екран вешто ја пренесе Рајко Грлиќ во 1984 година во филмот „Во челустите на животот“ со Дубравка Угрешиќ како сценаристка и Витомира Лончар во главната улога. Чик литература, женско писмо или нешто трето, „Штефица Цвек во челустите на животот“ е извонредна, забавна и смешна книга. Всушност, чиста класика.

Книгата е соработка на КРИК – фестивал за критичка култура и книжевниот фестивал ДРУГА ПРИКАЗНА. издавачи: Kontrapunkt, Multimedijalni institut MAMA Zagreb и Издавачка куќа Темплум

 

ПОВРЗАНИ ТЕКСТОВИ (линкови):

Дубравка Угрешиќ – добитничка на наградата „Друга приказна“ (образложение)

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *