Автор:

Поезија за деца и возрасни, придружена со илустрации од јапонскиот уметник Такео Такеи.

„Иако Девет преобразби… можеби првенствено е книга за деца, по читањето и возрасниот читател е зачуден пред светот во кој се наоѓа. Но, добрите книги, како оваа, отвораат работа: она што сте мислеле дека го знаете ќе треба да го тргнете настрана, и одново да тргнете во приспитување на постојното.“ – вели за книгата Николина Андова Шопова.
Песните се поделени во девет сегменти, на околу 130 страници: Небесни и вселенски, Женски и чудесни, Доблесни и теренски, Тонска и тектонска, Неизвесни и интересни, Потсвесни и сценски, Хигиенски и стресни, Пресни и (суво)месни и Лаконски и и(с)конски.
 Животните се доминантно присутни како ликови – како живеачи, коментатори, имитатори… Тие речиси без исклучок влегуваат во жестоки кофликти едни со други, но не во војна туку во страствен обид да се разберат едни со други, во силен копнеж да се согласат.
„Книгава е ретка ѕверка во нашата книжевност. Ѕверка на која пред ваши очи ѝ растат нокти и ѝ никнат безброј глави, а следниот миг се преобразува во питомо и игриво милениче“, вели Андова Шопова.
Вулкански го избива јазикот самиот од себе, создава ликови од опачината на нештата, расплетува сенишни (но зачудувачки конкретни и прецизно втемелени) наративи. Тоа е во функција на потсетување дека световите отаде традиционалното, класичното, конвенционалното, си врват и се развиваат во зачудувачки трансформации. Притоа, апсурдноста и играњето со лудилото и хаосот во неговите песни, токму е во функција на потенцирање на итната, нам очајна потреба од ред и логика.
Девет преобразби во чудната шума е седма книга на Вулкански. Негови претходни дела се: Призрак против Сенка (раскази, 1993), Лабрис (стрип, со А. Станковски, 1995-2001 во списанието Лифт), Сурогати (450 картички во 6 кутии, 2000-2004), Никола Груевски – 250 хаику (2011), Скопски приказни од 2014 (2011), Текстилна поема (сликовница, со Ѓ. Јовановиќ, 2018).
Во продолжение ви ја пренесуваме веројатно програмската песна од книгата (која е ставена и на кориците и која веројатно е некаков автопортрет на авторот):

Штрчето што стрчело
Штрче меѓу птичиња стрчело.
А зошто? Зашто цврчело!
Врапчето цвркотело, славејчето црцорело,
А штрчето – небаре штурче!, или црцорец! – цврчело!
Ете поради тоа меѓу птиците стрчело.
Фрагменти од книгата: ж

Критика:

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *