Автор:

103.-diplomecЛикот на Бенџамин во книгата уште на самиот почеток гледа во огромна празнина која ги голта неговите дотогашни младешки илузии, ја голта неговата среќата и го остава сам, соочен со апатијата на секојдневието. Реалниот конфликт што се појавува додека тој ја преиспитува несреќата што се шири околу него и додека ги открива обичните, а толку потресни детаљи на животот, создава тензија која самата по себе зборува за едно време кое ја преиспитваа поствоената култура на Америка и состојбата на конфузија и депресија кај младите.

Од друга страна, ликот на госпоѓата Робинсон која стана легендарна фигура во пејсажите на популарната култура, претставува антипот на Бенџамин. Таа е другата страна на паричката, која иако можеби ја дели истата вредност на пасивна душевна состојба која што протагонистот ја доживува, сепак со својот јасно портретиран лик на средновечна и привлечна жена, совршено ја дополнува сликата на реалноста, правејќи прецизен рез под кој се открива целината на ремек делото на Веб.

Но, и покрај ваквиот фокус на романот, се чини дека оваа книга зрачи со безвременост и универзалност која и денеска може лесно да се аплицира и актуелизира. „Дипломец“ е книга која самоуверено и иронично фрла остар поглед врз современото општество, средната материјалистичка класа и социјалните норми, а притоа, низ брз и заносен дијалог, не допушта читателот да го изгуби ритамот и основата порака која се крие под текстот.

Чарлс Веб ја напишал „Дипломец“ кога и самиот имал 24 години и бил штотуку дипломиран на колеџот Вилијамс. Духот на времето и годините го направиле своето. Исто така, возможно е книгата да е создадена врз основа на вистинска приказна, бидејќи самиот Веб во едно телевизиското шоу изјавил дека инспирацијата за Госпоѓа Робинсон ја добил од Џејн Ериксон, жена на пријател на неговиот татко, иако негирал дека и тој како и неговиот главен протагонист, имал љубовна афера со постара жена.

„Дипломец“ е книга, која како и многу други во Америка, често е исклучувана од литературниот канон на тоа време. Според книгата на Веб постојат и неколку филмски адаптации од кои најпозната е онаа на Мајкл Николс која го носи истоимениот наслов на книгата. Веб никогаш не се чувствувал удобно поради славата која му ја донел филмот, затоа што, како што самиот изјавил, чувствувал дека истиот го одвлекувал вниманието од него како сериозен писател. За време на растечката слава на филмот на Николс тој никогаш директно не бил прикажан во асоцијација со новелата на Веб, а сценаристите ја зеле сета негова слава, иако го препишале речиси целиот дијалог од збор до збор.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *