Автор:

Како лакмус за статусот на филозофијата, но и како извор на една нова филозофска рефлексија, Рорти го користи либерализмот, сфатен како најважна насока на социјалната филозофија. Рортиевиот мошне решително искажан став за политиката а против Филозофијата треба да се разбере во контекст на разликата помеѓу класичната и новата филозофија. Тој ја избира иронијата како можеби последно интелектуално средство коешто ќе може да ги поврзе филозофијата и литературата. Симбиозата, пак, помеѓу иронијата и редескрипцијата (сфатена како основна работа врз себе, едно ново самоопишување и самопретставување) станува најадекватниот начин на самопреобразба и едновремено единствена можна задача на филозофијата. А бидејќи општеството, токму според либералните согледби, не е ништо друго туку збир од поединци, работата врз себе нужно се подразбира и како работа врз општеството: не е можно да се менувам себеси без притоа да го менувам и општеството. Контингентноста, иронијата, редескрипцијата, клучните рортиевски поими, ги оцртуваат контурите на една нова и можеби се` уште недоволно истражена филозофска метода. Со оваа книга, токму длабејќи ги врските меѓу филозофијата, политиката и личната одговорност, Ричард Рорти придвижи цела голема спирала дебати и полемики (кои, на разни начини, траат до денес и во кои неговата позиција на либерален ироничар сериозно беше начната); но, и најострите критичари признаваат дека ставовите изнесени во “Контингентност, иронија и солидарност” допираат важни прашања за статусот на филозофијата и мислечкиот поединец во радикално променетите политички околности.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *