Автор:

102.-capekКарел Чапек (1890-1938) е автор на шест романи, шест драми и бројни раскази, патеписи, критики и книги за деца. Неколку пати бил номиниран за Нобеловата награда за книжевност, а станува познат по објавувањето на драмата „Р.У.Р.“, во која за првпат е употребен зборот „робот“. Иако во расказите од збирките „Раскази од едниот џеб“ и „Раскази од другиот џеб“ (1929) најчесто станува збор за злосторства и нивното решавање, би било погрешно да се категоризираат само како детективска фикција. Како што самиот Чапек рекол за двете збирки, „тие претставуваат различни патишта кои водат кон осознавање на вистината“. Служејќи како вовед во неговата трилогија романи за улогата на поединецот во општеството, „Раскази од другиот џеб“ стануваат слика поголема од збирот на нејзините составни делови, полна со интелигенција и мудрост. Читајќи ги нив, ние немаме чувство дека се работи за тешка литература. Приказните се лесни и свежи, често смешни и полни со добра волја.

Чапек пишувал интелигентно и хумористички за широк спектар на теми. Неговите дела се познати по интересниот и прецизен опис на стварноста. Најпознат е како писател на научна фантастика, многу пред овој жанр да стане посебна гранка во книжевноста. Тој може да се смета за основач на класичната научна фантастика, чија главна тема е можната или алтернативна иднина на човештвото. Многу негови дела претставуваат дискусија за етичките и другите аспекти на револуционерните изуми и процеси кои можеле да се насетат на почетокот на дваесеттиот век, како што се, на пример, масовното производство, атомското оружје, роботите и слично. Обработувајќи ги овие теми, Чапек го изразува совјот страв од претстојните општествени катастрофи, диктатури и насилства.

Во книгата „Раскази од другиот џеб“ Чапек ја воздигнува детективската приказна и сличните форми на овој жанр на едно сосем ново ниво, вткајувајќи ги необичните, кратки и моќни психолошки истражувања на секојдневните луѓе кои се фатени во невообичаени и невозможни околности. Низ овие интензивни, но духовити раскази, Чапек брилијантно и лесно нè води низ филозофските сфери на човечката егзистенција, истражувајќи ја природата на злосторството и правдата, па дури и самиот концепт на вистината. Во овие раскази тој ни покажува дека е мајстор за заплети и создавање атмосфера, и во нив тој ги деконструира сите претпоставки врз кои обично се градат детективските приказни преку преиспитување на основите на кои почиваат истите, како и преку испитувањето на моралната исправност на човечкото расудување.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *