Автор:

На конкурсот за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ за 2019 година наградата беше доделена на „Белата е најстрашната боја“ од Ирена Јурчева.

Книгата на Јурчева е збирка од триесетина куси раскази – од две до четири страници секој. Она што на прв поглед освојува во расказите е нивната нескриена кршливост. Тие се едноставни, концизни и искрени со една отворена ранливост пред светот и критиката. Соголеноста на нејзините раскази, дури превентивното ослободување од секаков вишок кој се заканува да натежне, прецизно потекнуваат од потребата за слободна комуникација и изразување на интимните длабочини.

Таквиот пристап е во склад со нејзината, можеби главна тема – созревањето, и начините како да се издржат болките на наглиот раст. Ликовите во нејзините раскази минуваат низ трансформации кои ги ставаат во конфликт со себе и со околината. Но, темата на созревањето кај Јурчева не секогаш следи очигледни шаблони, туку се нијансира и комплицира преку вклопување во неочекувани наративи – па така авторката на моменти загазува и во жанрот на фантастиката и дистопијата, не од егзибиционизам или изгубеност, туку токму за, и низ поинакви стилски платформи, подлабоко и поинаку да ги преиспита релациите и емоциите.

Мотивот на белата боја е очигледната нишка што ги поврзува расказите. Празнотијата, отсуството на идентитет што белата го сугерира е искористено за во неа да се рефлектираат комбинациите на значења. Така белата е присутна и како продорна снежна јаснотија и како тешка, задушлива магла; и како соновна чистина и како застрашувачка стерилност – и „најстрасната и најстрашната боја“. Втор важен мотив се влезовите и излезите, кои упатуваат на граничните состојби и на просторите на релациите. Во расказите на Јурчева многу е важна динамиката помеѓу приватното и јавното, внатрешниот и надворешниот свет.

Изненадувачки, зад нежниот и деликатен текст лежи и сензибилитет за мрачното, претставено не како обратно, туѓо, чудно, туку како познато, блиско и интегрално. Особено е интересно и необично вплетувањето на бизарното во баналното и баналното во бизарното – баланс во кој двете, не секогаш приемчиви категории, смекнуваат. Можеби тој аспект фрла најдобра светлина врз инхибираната страст во ракописот, која може да се набљудува како неослободен потенцијал, но и како вредност сама по себе.

Комисијата за наградата беше составена од Фросина Крушкаровска, Алекс Букарски и Мања Величковска.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *