Оваа книга се занимава со културната политика на класата, полот и расата. (Би можеле да се вклучат и некои други теми, како, на пример, културната политика на религијата, национализмот или етницитетот.) Класата, полот и расата сè уште длабоко го одредуваат пристапот до богатството и до општествената моќ во западниот свет. Постојаното преовладување на овие структури на нееднаквост поставува многу прашања за оние кои се интересираат за културната политика. Меѓу нив посебно внимание заслужуваат:

· Каква е врската на културата со политиката, односно со борбата за стекнување, одржување или спротивставување на моќта?

· Каква е улогата на културата во репродуцирање и оспорување на општествените поделби на класата, полот и расата?

· Што се случило со традиционалната културна политика којашто се темелела врз класата?

· Какви се феминистичките, црнечките и анти-расистичките културни политики?

Тоа се некои од прашањата на кои оваа книга ќе се обиде да одговори.

Во 1994-та го направивме првиот обид да придвижиме една едиција за современа теорија, област посебно дефицитарна во ионака сиромашната македонска преводна продукција. Библиотеката ја нарековме “Постмодерна” (феномен што на Запад веќе завршуваше, а кој во Македонија допрва го откривавме); во рамките на таа едиција објавивме пет скромни книги: зборниците “Постмодернизам” и “Филозофија, Психологија, Психијатрија”, “Америка” од Жан Бодријар, “Постмодерна за деца” од Франсоа Лиотар и “Пределите на хаосот” од Кетрин Хејлс. Иако во текот на две години продадовме околу 1000 примероци од петте книги (тиражите беа 250 примероци по наслов), библиотеката мораше да згасне. Поучени од грешките што ги направивме при покренувањето на таа едиција, во 1999-та решивме да придвижиме нова серија книги на современа преведена теорија, од разни области: културна политика, социологија, нови медиуми, културни студии, феминизам… Библиотеката намерно ја димензиониравме теориски што пошироко, затоа што на пазарот недостасуваат книги од разни области.

Првиот наслов во библиотеката е Културна политика од Џордан и Ведон, книга што на извонредно длабок и критичен начин ги пронаоѓа врските меѓу моќта и културата, пред сe во рамките на западната империјална матрица. Втората книга е Траума и закрепнување од Џудит Херман, култно дело на феминистичката и психолошката литература, ги истражува врските помеѓу сексуалното злоставување и политичката моќ.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *