Автор:

 

Несомнено е дека и книшката Во земјата на магијата (Au pays de la magie, 1941) би можела да се разгледува како интегрален елемент од проектот на „фантастичната етнологија” на визионерот Мишо. Не е случајно што во 1948 година Мишо ја објавува Во земјата на магијата заедно со Патувањето во Голема Гарабања (Voyage en Grande Garbagne) и Tuka e Podema (Ici Poddema) меѓу кориците на изданието под наслов Другаде (Ailleurs), затоа што со тоа и самиот ја потврдува не само сродноста на овие три поетски авантури – да се патува и да се престојува другаде – туку и експлицитно ги третира како еден вид патеписно-дневнички скици од неговите „патувања, на кои единствено им недостигаат точни датирањаш”. Притоа, во предговорот на Другаде, Мишо потенцира дека во сите три „земји престојувал” по речиси две години и се чувствувал „многу поопуштено отколку во Европа”.

Впрочем, колку и да изгледа парадоксално, едно од доминантните расположенија на нараторот во Земјата на магијата е антиномичниот спој на страв, вџашеност, вчудовиденост, вознемиреност, беспомошност и фрустрираност од една страна, но и силна носталгија, од друга страна, по она што го доживеал во таа чудесна земја, во која најпластично е доловена „необичноста на природните нешта и природноста на необичните нешта” за која говори Андре Жид во својата позната книга Да го откриеме Анри Мишо (1941). Преку прошетката низ земјата на магијата, нараторот ни опишува цел еден имагинарен, дотогаш сосема непознат универзум во кој владејат други физички и морални закони, други навики и обичаи, друг начин на размислување и чувствување, други правила на игрите и други вредносни системи, со што Мишо имплицитно и (авто)иронично го артикулира и неговиот длабок скептицизам кон нашата цивилизација. * * * Како повеќето книги на Мишо, така и текстовите од Во земјата на магијата се противат на сите обиди за строго жанровско дефинирање. Со прецизноста на изразот некои пасажи напати потсетуваат на антрополошки, етнографски или природнонаучни записи, со свежината и животноста на импресиите и чувствата – на патеписни скици или на дневнички белешки, со илузионистичката сугестибилност – на она што денес се нарекува трип-литература, со загадочната, бизарна и црнохуморна атмосфера – на визуелните ефекти на надреалистичкото сликарство, со елиптичните дескрипции и неочекувани пресврти – на куси прозни фрагменти, а со шокантноста и непредвидливоста на асоцијативните нишки на поетските слики – на чиста поезија. Во овој контекст, во врска со трите книги што ја сочинуваат Другаде, најголемиот афирматор и приопштувач на делото на Мишо во македонската книжевна средина, Влада Урошевиќ, со право потенцира дека тие „се секако најфантастичните книги во современата светска поезија, ненадминати во слободата на фантазијата со блесок на изненадата на секоја страница (…) Мишо во овие книги – но и во деловите од другите – измислува цели земји, нивни истории, раси, обичаи, династии, флори, фауни – сé до најситните инсекти”. Оттука, како поетско сведоштво за патувањето и средбата на Мишо со една од неговите „имагинарни цивилизации”, Во земјата на магијата би можела да биде извонредно податливо четиво од имаголошки ракурс. Слично како и во Варварин во Азија, средбата со другите (во овој случај со жителите од имагинарната земја на магијата) во овој текст за нароторот постојано е можност да ја согледа својата (духовна) инфериорност, неретко чувствувајќи се како еден вид варварин: светот што го опишува го изненадува и го застрашува на секој чекор, а магиските способности на Волшебниците уште повеќе ја зголемуваат неговата љубопитност и порив да продре во нивните езотерични тајни, кои сепак до крајот му остануваат недостапни, така што авторот дури е и прогонет од земјата на магијата. Сепак, моќта на Мишо, на тој волшебник на зборот, се манифестира во способноста да (ре)конструира цел еден автономен свет само со помош на јазичниот медиум. Оттука, како што по секое патување патникот не е оној истиот од пред тоа, така и по патувањето низ фантазмогоричните пространства на земјата на магијата – по затворањето на кориците – ни читателот не е истиот од пред тоа.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *