Автор:

 

Првата награда „Новите!”, годишниот конкурс за најдобар прозен дебитантски ракопис, оваа 2006 година ја заслужи ракописот „Луѓе на кои не им се отвора падобранот” од Алекс Букарски. Одлуката беше донесена едногласно, од страна на четиричленото жири кое го сочинуваа: Никола Гелевски, Владимир Јанковски, Роберт Алаѓозовски и Искра Гешоска.
Од 24-те пристигнати ракописи збирката раскази на Алекс Букарски навистина се издвои со своите литературни квалитети. Но, и повеќе од тоа! Не е претерано да се каже дека ваков нетипичен дебитант одамна не ù се случил на македонската литература! И драго ни е што неговата промоција се остварува токму низ нашиот конкурс, и тоа во неговата прва година…
Нетипични се книжевната сериозност и посветеност на Букарски(22), со оглед на младоста и со оглед на поширокиот контекст кој баш и не го охрабрува занимавањето со уметничка работа. Можеби причина за тоа е што Букарски веќе две и пол години е еден од најинтересните и најпровокативните македонски блогери…
Што се однесува до конкретниот ракопис, кому му ја доделивме наградата „Новите!”, тој се состои од седумнаесет раскази пишувани во текот на приближно пет години.
Букарски всушност, од еден младешко-бунтовнички аспект, ни дава беспоштедна слика на нашата стварност, она што литературата и треба да го прави. Таа слика, се разбира, е мрачна, но истовремено е и духовита, колоритна и релативно слоевита. Станува збор за слика – на моменти хиперреалистична и брутална, на моменти проткаена и со лирски тонови – на едно време кое испаднало од зглобовите и кое е преполно со дезориентирани маргиналци коишто перото на Букарски се обидува да ги извади на дневната (книжевна) светлина директно од клоаката на долготрајната и сурова македонска транзиција.
Социјалната димензија, значи, и сликањето на ликовите од т.н. губитнички полусвет можеби е главната содржина во пишувањето на Алекс Букарски. Таа социјална поетичка димензија во неговава прва збирка раскази е предочена младешки бескомпромисно, но на еден релативно вешто изнијансиран уметнички начин, едноставен и духовит во својата основна раскажувачка поставеност. Лексиката на Букарски, на пример, иако на прв поглед невообичаена и прилично потпрена на битолскиот и скопскиот сленг, е некакво освежување во нашата литература, пред с$ оти е доволно богата и живописна за главно да ги избегне опасните замки на тривијалноста, во кои неретко упаѓаат особено помладите книжевни творци… Иако, за волја на вистината, и самиот Букарски, веројатно во прв ред заради неискуството, неретко упаѓа во баналности и тривијалности, а неговата реченица не секогаш е доволно прецизна и снажна… .

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *