Автор:

Гајто Газданов (1903-1971), покрај Набоков, е најзначајниот прозен писател формиран во времето на првата руска емиграција. Осетин по националност, како гимназијалец учествувал во граѓанската војна на страната на белите и со поразената војска ја напушта Русија. Најголемиот дел од животот го поминува во Париз, каде што со децении работел како ноќен таксист.

Во светот и во Русија веќе десетина години интензивно трае постхумниот феномен на Газданов: денес тој веќе е класик на светската книжевност, влегува во школските програми, доби споменик во родното место, стекна огромна читателска публика ширум светот, а стана и лик во некои современи уметнички дела. Критиката сепак сè уште не успева во доволна мера да ја објасни тајната на задоцнетиот успех на овој писател кој себе не се земал премногу сериозно, но чијашто читателска публика знае да ги осети тензијата, музикалноста, фрагментарноста и непретенциозната филозофија настаната во допирот меѓу два живота: оној со кој се живее и оној со кој би требало да се живее.

“Вечер кај Клер” (1930) е неговиот прв роман и, според мислењето на критиката, најдоброто дело за граѓанската војна во емигрантската литература. Користејќи ја во прв план приказната за една младешка, копнежлива и чудно романтична љубовна врска, Газданов успева да создаде мошне комплексни, “широкоаголни” перспективи во кои се отсликуваат крупни настани и цели епохи. Низ преплетот на нежното, емотивното и мистичното, од една страна, и мошне експресивните и бурни воени настани, Газданов го создава својот мошне специфичен свет; всушност, спојот меѓу лириката и иронијата којшто создава малку поместени и фантазмагорични слики на реалноста и инаку е една од главните карактеристики на делото на Газданов, присутна и во неговиот незаобиколен прв роман.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *