Автор:

Новелата Прогонувачот претставува еден вид крстопат меѓу фантастичните раскази на Кортасар и неговиот најважен роман Плочка. Посветена е на џез музичарот Чарли Паркер. Елементите од животот на познатиот џезер се искористени за да се креира ликот на Џони Картер. Потрагата по идентитетот на другиот, недопирливоста на другиот, прашањето за тоа до кој степен можеме да го “освоиме” другиот… – се централни теми во овој текст.

Потрагата како основна тема се пресликува на две нивоа: потрагата на Џони да се најде и открие преку сопствената музика и обидот на новинарот Бруно, составувачот на биографијата за Џони, да го открие генијалниот музичар и да го заокружи неговиот идентитет. Амбивалентноста на вака поставената кортасаровска ситуација можеби најмногу се покажува низ животната недоумица на самиот Џони Картер – не е јасно дали тој е прогонувачот или “прогонетата ѕверка”. Затоа овој текст може да се чита и преку перспективите на омилената тема на Кортасар – двојникот. Иако во овој случај не станува збор за фантастичен расказ во кој ликовите ги сменуваат улогите и влегуваат еден во друг, Џони Картер и Бруно можат да се набљудуваат како два пола на исто нешто, два дела на една паричка, јинг и јанг… Во еден миг Бруно ќе се исплаши дека ако продолжи да зборува би можел повеќе да пишува за себе отколку за “субјектот” на неговиот интерес, нешто што секоја “биографија” го носи како еден вид стапица. Во тоа се состои и прашањето за “потрагата” (уште една доминанта во творештвото на Кортасар. Роиманот Плочка почнува со таква ситуација – Оливеира се прашува дали ќе ја пронајде Мага?): Џони Картер трага по нешто што самиот не може да го дофати, нешто што постојано му “бега”. Истовремено Бруно трага по Џони Картер кој, исто така, постојано “бега”, се извлекува и менува пред окото на човекот кој треба да го заокружи, “напише” во една книга. На тој начин, “трагачот” Џони станува цел на една друга “потрага”, онаа на Бруно. Во обидот да го напише, дополни, натпише, доврши, фати, заокружи идентитетот на Џони, Бруно сфаќа дека сè е само обид, другиот никогаш не може да го освоиме, туку единствено што можеме да направиме е да му се доближиме.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *