Автор:

Во еден расказ на Аполинер, необичниот барон Ињес’д Ормезан измислува нова уметност – амфионија. Според него, инструмент на таа уметност и нејзин предмет е градот. Александар Јерков, составувачот на двотомната Антологија на белградски раскази говори за урбаната имагинација врежана во книжевните дела како за израз на т.н. урбофилија. Сеедно дали ќе се определиме за терминот амфионија или предност ќе му дадеме на терминот урбофилија; суштината е иста. Станува збор за еден ист мотив кој извира од топлото чувствување на Градот, виден преку перото на уметникот на зборот, можеби само од него и од никој друг. Оттука, кога се прави антологија на раскази врзани за еден град, на пример Скопје, неминовно како дилема се наметнува онаа голема тајна на литературата која гласи: “Каде престанува измисленото, а почнува стварното?” Своевиден излез од лавиринтската заплетканост во сета сложеност на ова прашање наоѓаме во еден запис на Влада Урошевиќ кој датира од 1965 година. Во него читаме: “Напоредно со градот живее неговиот двојник во зборот, неговата книжевна сенка…

Градот не е конечен во она што е неговиот материјален податок… Неговата друга димензија, онаа што се крие во зборот кажан за него, откако ќе и’ се додаде на неговата слика на материјалното постоење, го прави вистински жив, духовно богат, способен да и’ се противстави на минливоста која постојано му се заканува на неговиот навидум цврст материјал… Зборот веќе се споил со каменот, визијата станала дел од градот… Би ни успеало ли да стигнеме, водени од моќта за сеќавање, до една слика на овој град каква што не постои во колекциите на разгледници зачувани по музеите, но која сепак е вистинита?” Скопските раскази ја имаат токму таа цел: на читателот да му ја понуди книжевната карта на Скопје. Секако дека при тоа не мислиме на далечните летописи од времето на географот Птоломеј, а и пред него, во кои за првпат се споменува Скопје, тогаш Скупи, како центар на Дарданија. Ниту пак, имаме намера да ги регистрираме латински-те записи, различните патеписи или бројните хроники кои известуваат за освојувањата на градот, како ни сè она што е напишано по повод катастрофалниот земјотрес од 1963-та… Тоа не значи дека сите позначајни датуми од повеќевековната историја на нашиот град нема да ги сретнеме низ страниците на оваа книга, туку дека тие, ако ги има, тогаш се во функција на книжевно – уметничката вистина и ги задоволуваат основните критериуми на книжевниот облик – расказот.

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *