Автор:

Повеќето од своите раскази (53 на број) Набоков ги напишал на руски јазик и ги објавувал во периодичните емигрантски публикации, а потоа и во три засебни книги: Враќањето на Чорба, Набљудувач и Пролетта во Фиалта. Речиси сите раскази подоцна се преведени и на англиски и објавени во четири книги, од кои две користевме и ние. Оваа книга всушност е второ издание (плус еден расказ) на книгата што во само 200 примероци ја објавивме пред десет години. Книгава е збогатена и со белешките на Набоков, подоцна напишани за да ги придружуваат англиските преводи на расказите. Иако фиктивни, расказите во голема мера се потпираат на она што во емигрантскиот живот му се случувало на авторот помеѓу 1924 и 1940 година, и во таа смисла тие се уште еден прилог кон вечната тематска преокупација на Набоков: сеќавањето.

За Набоков сеќавањето не само што е одбрана од заборавот и смртта туку е и фасцинантна поетска постапка во која чудесно се мешаат сетилните надразби создавајќи еден неверојатен лавиринтичен свет, сиот во синестезии, симетрии и искривувања. Еве што вели Албахари за “симетриите” кај големиот руски автор: “Кога ќе се обидам да го пронајдам зборот кој најдобро го опишува прозното дело на Набоков, не се решавам за лавиринт, музеј или огледало, иако тие зборови се клучни за нашето разбирање на постмодернизмот. Зборот со кој во себе го заменувам зборот ‘Набоков’ е симетрија, но не онаа едноставна, централна или огледалска, туку сложената, дијамантска, која едновремено се случува во безброј рамнини и во која привидната асиметричност подоцна се покажува како совршена симетрија. Чувството на Набоков се протега од поединечните зборови, во кои значајна улога игра и неговото чувство за синестезија, преку фразите и целите реченици, сè до целокупната структура на прозното дело, во која внимателниот читател може да пронајде неколку оски или рамнини на симетријата”.

 

 

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *